Одржување и инвестирање во домашното производство

Содржината

1. Како работеше млекарницата изминатата година и што кажуваат резултатите? Што покажува продажбата, колкав дел од пазарот припаѓа на Бимилк?

Бимилк е компанија која, ширејќи го своето портфолио, докажува дека ги слуша барањата на своите потрошувачи а тековната 2021 година го потврди токму тоа, проширувајќи ја нашата понуда во неколку нови категории, овошни јогурти, путер и протеинско и безлаткозно портфолио. Како резултат на оваа стратегија, во првите три квартали од годината Бимилк бележи стабилност во продажбата во однос на минатата година, а со тоа ја задржуваме и својата лидерска позиција во млечната индустрија во државата. Во некои сегменти забележавме и зголемување на продажбата, како чоколадно млеко за 14%, а продажбата на кисело млечни производи има благ пораст од 2% во споредба со минатата година. По минатата година и соочувањето со рестрикциите предизвикани од пандемијата, оваа година еднакво се фокусиравме и на домашниот пазар со одржувањето и инвестирањето во домашното производство за задоволување на растечките потреби, што се покажа како многу позитивно. Освен растечката тенденција на домашниот пазар, исто така забележува позитивен тренд и извозот во регионот, каде најбарани се кисело-млечните производи и млекото. Така што, Бимилк со својата работа, квалитетот и иновативноста во производите, ја задржува и зацврстува својата позиција како една од водечките компании во млечната индустрија на домашниот пазар. 
 

2. Дали владините мерки за спас на стопанството дадоа резултат и дали мислите дека е потребен уште еден ваков пакет мерки?

Неколкуте последователни пакети со мерки за ублажувањето на негативните ефекти од пандемијата, дадоа резултат во смисла на избегнување на економскиот колапс, а веројатно без овие мерки бројот на изгубени работни места ќе беше многу поголем. Што се однесува до производството и преработката на млеко и млечни производи, за жал може да се каже дека „и нам ни дојде редот“, односно, се случува токму она на кое укажувавме уште минатата година, дека ниту млечната индустрија нема да остане поштедена од последиците на пандемијата. Во делот на примарното производство на млеко, во последните неколку месеци фармерите се изложени на енормно поскапување на сточната храна и клучните нутритивни компоненти за производство на квалитетно млеко и постигнување висока продуктивност. Ваквите состојби создаваат голема загриженост од подолгорочни последици по домашното примарно производство на млеко. Реално е да се очекува дека голем дел од малите семејни фарми ќе излезат од бизнисот, а дел од фармерите ќе бидат принудени да прават компромиси со квалитетот и обемот на сточната храна, што неминовно ќе се одрази на продуктивноста и квалитетот на произведеното сурово млеко. 

Преработувачите на млеко и производителите на млечни производи и самите се соочуваат со драматичен раст на цените на репроматеријалите. Ако минатото лето, главен предизвик беше да се премостат затворените граници и репроматеријалите да се донесат до фабриките во земјава, годинава на нарушените ланци на снабдување се надоврзува и драматичниот пораст на цените на репроматеријалите (некои и до 80%) и енергенсите повеќе од двојно. 

Заедничка е интенцијата овие зголемени трошоци што помалку да се одразат на зголемени цени на производот, а ако сакаме да не дојде до тоа, логично е да се бара и очекува интервенција од страна на државата преку некој пакет кризни мерки за млечната индустрија. Притоа, свесни за ограничените можности за вакви интервенции, исто така е логично целиот фокус да биде насочен кон примарните производители на млеко, зашто тие се клучниот фундамент на кој се потпира домашната млечна индустрија. И ако се вратам повторно на Вашето изворно прашање, да, мерки се повеќе од потребни и тоа итно. Во таа смисла, преку гранските здруженија веќе имавме неколку состаноци со ресорните министри, на кои дадовме конкретни предлози за обезбедување опстанок на фармерите, со укажување дека овие мерки треба да бидат донесени час поскоро, пред да биде предоцна и да се премине точката после која нема враќање. Накусо, да се направи краткорочен бајпас, со цел да не дојде до колапс на дејноста и да се задржи основата за иден пост-КОВИД одржлив развој. Се разбира, како млеко-преработувачи треба и да ги ангажираме сите внатрешни и надворешни кадровски и технички ресурси, да работиме активно на терен, со цел подобрување на продуктивноста и квалитетот на производот, како предуслов за долгорочна одржливост.

3. Како е регулиран квалитетот на млекото во Македонија и дали ги исполнуваме современите стандарди за квалитет, но и нутритивни трендови?

Во правниот систем веќе десетина година постои регулатива која се однесува на критериумите и параметрите за квалитетот на суровото млеко и млечните производи, но од разни причини овој систем сè уште не профункционирал. Постојаното одложување само ги мултиплицира проблемите во дејноста. За жал, сè уште мора да ги нотираме предусловите кои не постојат, а се неопходни за да заживее овој систем. И тие започнуваат од формирање посебна организациона единица во МЗШВ, со примарна надлежност примарно производство на млеко, за координација на сите чинители во ланецот на снабдување од фарма до капија на млекарниците. Второ би било создавање систем за мострирање во кој доверба ќе имаат и примарните производители и преработувачите – Агенцијата за поддршка на развојот на земјоделството е добра основа за брз старт. Заради целосен опфат потребно е зголемување на капацитетот на постојните и акредитирање дополнителни лаборатории за анализа на мострите млеко. Што поскоро акредитирање на национална супер-лабораторија за контрола на контролните лаборатории и како второстепен чинител при спорни ситуации. Следно би било воведување скалести државни субвенции кои го наградуваат квалитетот на млекото и секако воспоставување единствен информационен систем до кој ќе имаат пристап сите заинтересирани страни, со информации за количини и квалитет по фарма, историјат и развој. Од клучно значење е овој систем да проработи и да стане задолжителен за сите чинители на пазарот, инаку повторно би се отворил простор за нелојална конкуренција, занемарување на квалитетот и враќање кон старото. Се разбира, до крајните потрошувачи стигнува здрав и исправен производ, со пропишаните нутритивни вредности, што е предмет на постојани контроли од надлежните инспекции, но погоре кажаното е од клучно значење за долгорочниот опстанок, конкурентност, а особено и градење на извозниот потенцијал на домашната млечна индустрија.

4. Како да се интервенира за зголемување на стандардите и квалитетот во производството на млечни производи според моменталната состојба, тргнувајќи од фармерите па се до малопродажбата?

Честите и сеопфатни контроли се првиот и можеби најсигурниот начин за да се одржи високиот квалитет на млекото и стандардите. И тие контроли треба да се спроведуваат соодветно во секоја фаза од патот на млекото од примарните производители па до малопродажба. Квалитетот кај примарните  млекопроизводители во Бимилк се контролира на дневно ниво, со секојдневно мострирање на млекото и негова контрола во две акредитирани лаборатории, Анимавет и Факултетот за Ветеринарна медицина Скопје. Контролата започнува уште на самото место на собирање, со органолептичка контрола на боја и мирис, па температура и контрола на pH на млекото а следната контрола е при пристигнување. Во надворешните лаборатории се вршат два вида контрола – испитување на хемискиот квалитет на млекото (содржина на млечна маст, протеин, сува материја, лактоза и точка на мрзнење) како и микробиолошка контрола. Со постојаните контроли квалитетот на млекото се подобрува од месец во месец, особено во погледот на додадена вода во млекото, содржина на млечна маст и протеин, но и со подобрување на микробиолошкиот квалитет. Доколку има отстапување од стандардите и квалитетот, на фармерот му се обрнува внимание за проблемот кој е настанат кај него.

5. Како е регулиран увозот на прехранбени производи од странски производители и дали притоа се бараат и запазуваат соодветни стандарди? Што бара Македонија од еден производител на млеко за да може да влезе во малопродажба?

Постои јасно дефинирана регулатива при внесување, увоз на странски прехранбени производи и нормално сето е усогласено со поширока, односно европска регулатива. Така, производите кои се увезуваат мора да ги исполнуваат барањата на домашниот Закон за безбедност на храна, а истиот е усогласен и со европската регулатива. Тоа значи дека секој прехранбен производ увезен во нашата земја мора да биде најмалку на ниво на домашните производи и во однос на безбедноста но и квалитетот. Регулативата е посебно нагласена во делот на прехранбените производи, така освен редовните царински документи, потребен е и ветеринарен влезен документ којшто ја следи стоката. Ова е посебно значајно за безбедноста на производот. Исто така, на самиот влез следат анализи и контроли со кои се утврдуваат безбедноста и квалитетот на производите, спроведени и направени и од државните тела но и од самиот увозник во акредитирани лаборатории според утврден план за контрола и анализа. Така што, влезот на странските производи во земјава е добро регулиран и следен и сепак овозможува разновидност на пазарот и поголем избор за граѓаните. 

6. Во Македонија земјоделството, заедно со прехранбената индустрија учествува со 10% од вкупно вработените кај правните лица, а во вкупниот БДП со 18%. Колку се вложува во оваа стопанска гранка и дали постои национална стратегија за унапредување на нивниот статус со оглед на значењето?

Кон крајот на минатата година имавме прилика да се запознаеме со Нацртот на NARDS 2020 – 2027 (НАЦИОНАЛНА СТРАТЕГИЈА ЗА ЗЕМЈОДЕЛСТВО И РУРАЛЕН РАЗВОЈ 2021-2027) во чии рамки има дел посветен и на производството на млеко и млечната индустрија. Содржаните предлози за мерки и активности во голема мера го опфаќаат она што и ние како дејност го гледаме како потреба и го бараме, но она што загрижува е што голем број од овие мерки веќе биле дел од содржината и на претходните Национални стратегии. Со други зборови, знаеме што треба, но потешко ни оди со имплементацијата. 

Доколку од мноштвото предложени мерки треба да се издвојат 3 приоритетни, тогаш би рекол дека тие се како прво воспоставување рамнотежа помеѓу откупната цена на млекото и квалитетот на истото. Домашните млекарници поради несоодветен хемиски состав (протеини и маснотии) не можат да конкурираат на увезеното млеко и млечни производи не само од земјите на ЕУ, туку и од регионот на Западен Балкан. Второ би било Smart subsidies – субвенционирањето по произведен литар млеко да биде преструктуирано во насока стимулирање и наградување на квалитетот и продуктивноста и трето е воспоставување континуитет и зголемување на програмата за набавка на квалитетни стелни јуници, што ќе донесе зголемена ефикасност и профитабилност, подобрување на квалитетот на млекото и намалување на огромните логистички и пред сè транспортни трошоци на млекарниците. 

Инаку, кога се зборува за македонската млечна индустрија, предизвиците со кои се соочува се структурни по природа, во најголем степен поврзани со раситнетоста на примарните производители, ниската продуктивност, ефикасноста и недостатокот на стратешки пристап при развој на интегриран синџир на снабдување, земјиште – пасишта – добиточна храна – сурово млеко – млечни производи – производители. Моментално, повеќе од 80 компании за преработка на млечни производи „се борат“ за суровото млеко кое го има се помалку на пазарот, произведено во услови на крајно ниска продуктивност. 

Иако децениските наталожени проблеми не можат да се решат преку ноќ, час поскоро мора да се тргне во позитивен развој, ако сакаме да опстане овој сектор. Единствениот начин да се зголемат приходите од земјоделството и да се намалат трошоците за литар произведено млеко е преку зголемување на продуктивноста и производството на млеко. Но, пред да дојдеме до тој степен, треба да ја “прегрмиме“ постоечкава криза со дивеењето на цените на сточната храна и преку итно носење мерки за државна поддршка за примарните производители, да го обезбедиме нивниот опстанок, со цел да го сочуваме здравото јадро и да можеме во иднина да мислиме на развојот. 

Треба да се биде отворен и да се каже дека и преработувачите на млеко, немаат капацитет преку висока цена на млекото да ја покриваат ниската продуктивност кај примарните производители, зашто со тоа и самите стануваат неконкурентни на пазарот. Млечните производи се категорија каде преку ноќ домашното производство може да биде прегазено од поевтина и квалитетна понуда, што се повеќе ќе ја има.

7. Битолска често се поврзува со донации посебно насочени кон социјално загрозените семејства. Овие активности беа посебно изразени во изминатиот период. Како ја создавате корпоративно општествената одговорност, врз кои принципи Бимилк ја гради оваа стратегија и односот кон заедницата?

Успешноста на Бимилк на домашниот пазар се должи и на имплементацијата на општествено одговорни проекти, кои во фокусот ги имаат ранливите категории граѓани и општеството во целина. Битолска млекара два пати излезе пресрет на Министерството за здравство и обезбеди финансиска помош за сервисирање и репарација на апаратите за респираторна нега кои се користат на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби и донира опрема за Клиничката болница Битола. Бимилк беше и меѓу првите која одговори на апелот на Министерството за финансии и изврши предвремено плаќање на вкупните аконтативни обврски за данок на добивка за 2020 година во висина од 15 милиони денари. Компанијата обезбеди и помош во производи за најранливите групи граѓани, доставена преку Црвениот Крст и СОС детско село, а откако започна онлајн наставата, дониравме лаптопи и таблети за децата од социјално загрозените семејства.

8. Што да очекуваме од Битолска млекара во 2022 година?

Очекувањата се 2022 да биде година во која целата млечна индустрија ќе се соочи со предизвици со кои се нема соочено во последните 20 години, почнувајќи од примарното производство на сурово млеко, па се до малопродажбата. Наша примарна задача како лидер во дејноста на домашниот пазар, ќе биде да одговориме на овие предизвици и да го дадеме својот максимум за да се обезбеди опстанокот на дејноста и да се сочува основата за идниот развој. Секако дека ќе продолжиме со инвестирањето во модернизација на постојната технологија и опрема, со цел следење на новите трендови и понуда на квалитетен, здрав и безбеден производ. Ќе продолжиме со трендот на лансирање нови производи. Истовремено, ќе го дадеме и нашиот придонес за пошироката заедница од аспект на зачувувањето на животната средина, односно ќе профункционира со целосен капацитет изградената пречистителна станица за отпадни води, а ќе започне и адаптацијата на енергетските постројки за користење на природен гас како гориво. Се надеваме дека доводите за природниот гас час поскоро ќе дојдат до Битола, а во меѓувреме дека и цените на алтернативно донесениот природен гас ќе забележат тренд на стабилизирање, со цел што поскоро постигнување економска оправданост.

Споделете го овој текст:

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Scroll to Top

Веб страната користи колачиња за да овозможи најдобро искуство. Со користење на bimilk.mk се согласувате со нашата политика за приватност и користењето на колачиња во согласност со нашата политика за колачиња.